Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што се задржани облека, козметички средства, лекови, медицински производи, техничка стока, прехранбени производи, пластични производи и фалсификати.
Привремено се задржани:
Лекови и медицински производи
– 247 паковки лекови (Roaccutane, Contour plus 50 test, Onco tice, Aromasin, Brilinta, Gonal, Korabin) и 1.200 медицински игли, откиени од страна на мобилните царински тимови при контрола на македонски камион управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Дојран – граничен премин Дојран. Производите биле пронајдени во картонска кутија обвиткана со вреќа за спиење, сместена под креветот во кабината на возилото. Истите се привремено задржани а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Облека и козметика
– 669 производи за нега на коса и 55 парчиња облека, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, во 8 картонски кутии сместени во багажникот и позади предните седишта, биле пронајдени 669 производи за нега на коса (боја, бланш, серум и маска). Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Во вториот случај, при контрола на грчки автомобил управуван од грчки државјанин, пријавени за влез во државата, во 4 најлонски кеси сместени во багажникот на возилото биле пронајдени 55 парчиња облека (женски блузи, панталони, фустани и волнени џемпери). Непријавените производи, сопственост на сопатничката во возилото, италијанска државјанка, се привремено задржани, а против сопатничката ќе биде поведена соодветна постапка.
Техничка стока
– 250 паметни часовници INTELLIGENCE HEALH BRACELET и 150 слушалки за мобилни телефони i7 MINI, откриени при контрола на македонски автомобил со кој, за влез во државата на граничниот премин Блаце, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во багажниот простор кај резервната гума и во внатрешноста на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Прехранбени производи
– 561 килограми прехранбени производи и производи за прехранбена индустрија (локум, алва, пишманија, прехранбен лепак и прехранбена боја), откриени од страна на Одделението за истраги во соработка со мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Тетово. Непријавените производи се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Пластични производи
– 3.125 метри PVC црево, 2 ролни PVC изолационен материјал, 116 парчиња колена за водоводна инсталација и 1 употребуван апарат за перење, откриени од страна на Одделението за истраги во соработка со мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Швајцарија, наменета за увозник од Струга, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Непријавените производи се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 600 детски велосипеди со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Охрид, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Охрид. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските одредби ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.