Голем број српски државјани деновиве се обидуваат да дојдат во Србија и очекуваат помош од државата, затоа што летовите низ целиот свет се прекинати, а границите се затворени, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ за ТВ Прва изјави денеска дека Владата одредува приоритети на пристигнувањата.

Меѓу оние што чекаат да се вратат има туристи, студенти, оние кои работат во странство, како и оние кои се лекуваат во странство. -На секого сега веќе му е јасно дека одлуката ќе биде строга и за почитување; секој што ќе дојде ќе мора да оди во карантин 14 или 28 дена.

Нема никаква можност оваа мерка да биде прекршена. Ова е одговорност на МВР, изјави Дачиќ, кој додаде дека „приоритет се децата, учениците и студентите, како и болните лица кои се лекуваат во странство и оние кои се на службени патувања.

На крајот на списокот се туристите“. Тој упати порака до граѓаните да не доаѓаат во Србија ако не морааат. -Има стотина лица кои сакаат од Италија да дојдат во Србија.

Советот е: Не тргнувајте!, рече Дачиќ. -Италија во моментот е како Вухан. Тоа е голем ризик и ако дојдат ќе бидат во тежок карантин 28 дена, порача шефот на дипломатијата.

Синоќа на прес конференција, српскиот престедател Александар Вучиќ изјави дека „доколку во Србија се случи италијанско сценарио, наскоро на Белградскиот саем ќе подготви центар со 3000 кревети и 5000 кревети во други центри во државата.“

Вучиќ, во лутина кажа дека од 5 март во Србија се влезени 317. 854 лица, повеќето од нив знаејќи дека се заразени со коронавирусот, и ги замоли српските државјани да не доаѓаат во Србија, за, како што кажа да „се лекуваат, оти лечењето овде е џабе“.

На прес конференцијата беше кажано и дека зголемувањето на заболените во Србија се должи на српските државјани кои доаѓаат во Србија и поради непочитување на мерките за заштита и ограничување на движењето.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2020 17:52