За десет дена, во рамките на контролите во целата земја за тоа дали се почитуваат превентивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, грчката полиција уапсила 233 лица во 222 случаи, јави дописничката на МИА од Атина.

Прекршоци биле регистрирани во однос на забраните, одлуките и ограничувањата што се однесуваат на фризерски салони, фурни, слаткарници, продавници за гардероба, кафулиња, ресторани, таверни, цвеќарници, спортски игралишта и сл.

Паралелно, грчката полиција објави видео со аудио порака што ќе ја испраќаат полициските возила додека патролираат во Атина и во останатите градови.

-Ве информираме дека поради превентивните мерки за заштита на јавното здравје не се дозволени собири. Ве молиме, почитувајте ги правилата и напуштете ги просторите, е пораката што ќе се слуша од мегафоните на полицијата и тоа на десет јазици меѓу кои грчки, англиски, француски, но и арапски, урду, дариски, фарси, хинди, пенџаски и пашто за мигрантите и бегалците што живеат во Атина.

Со одлука на Министерството за образование на Грција, се продолжува запраната за работа на образовните институции, односно училиштата, Универзитетите и градинките ќе останат затворени до 10 април 2020.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2020 17:53