Кошаркарската легенда од овие простори Борислав Бора Станковиќ денеска беше погребан на Новите гробишта во Белград. На погребот присуствуваа само членови на семејството и најтесен круг на пријатели.

Бора Станковиќ почина на 20 март во Белград во 95-та година од животот. Ќе остане запаметен како човекот кој го смени текот на светската кошарка и еден од најзаслужните за експанзијата на европската кошарка. Но, и како стрелец на првите поени во историјата на Светските првенства во 1950 година во Биенос Аирес.

Во кариерата играше за Црвена звезда, белградски Железничар и Партизан, а го формирал и ОКК Белград, чиј тренер бил.

Во ФИБА влезе во 1958 година како член на Комисијата за европски купови, во редовен работен однос беше од 1969 година, а во периодот од 1976 година до 2002 година беше генерален секретар на организацијата.

За време на ерата на Бора Станковиќ, во кошарката се воведоа новитети во насока на нејзина модернизација. Се воведе линија за тројка, беа променети димензиите на теренот, додека мечевите наместо во две полувремиња, почнаа да се играат во четири четвртини.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2020 01:26