На социјалните мрежи во Словенија за денеска во повеќе градови се закажани нови антивладини протести, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Ова ќе биде третиот по ред ваков протест на кој граѓаните на велосипеди и во колона го изразуваат незадоволството од работата на владата на премиерот Јанез Јанша, пред се, поради како што се наведува во објавата, корупциските скандали. Минатиот петок според локалните медиуми на протестот во Љубљана присуствувале околу 10.000 граѓани.

Речиси паралелно со најавата на протестите на социјалните мрежи се појави и петиција за поддршка на владата. Во неа се објаснува работата на кабинетот на Јанша, за кој се вели дека стапил на функција во тешки услови, односно во екот на епидемијата на коронавирусот.

Во објавата која се шири на социјалните мрежи се повикуваат граѓаните масовно да ја потпишат петицијата и на тој начин да и дадат поддршка на владата и нејзините политики.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2020 12:37