Во 13-те грчки периферии одредени се вкупно 62 хотели кои во текот на летната сезона ќе бидат пренаменети и ќе работат исклучиво како хотели-карантин во кои би се сместувале евентуалните позитивни случаи на Ковид-19 кај туристи кои одморот ќе го поминат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според одлуката на министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, избрани се 62 хотели и туристички објекти, со различен капацитет и различна големина.

Некои се со по неколку соби, други со над 100, некои се со две, три или повеќе ѕвездички.

Најголем е хотелот -карантин на Пелопонез во областа Месиниа. Станува збор за хотел со пет ѕвезди и 132 соби.

На Халкидики, хотелот –карантин е во Касандра, во областа Пиериа е во Катерини, а во северниот дел на Грција, хотели –карантин има во Солун, во Кукуш (Килкис), во Воден (Едеса).

Од островите, хотели –карантин има на Закинтос, Крф, Кефалониа, Лефкада, Скопелос, Скиатос, Алонисос, три на Крит, на Андрос, Санторини, на Наксос, Парос, на Родос, на Кос, Лезвос, Самос, Хиос, на Евија итн.

Според грчките медиуми, овие 62 хотели покриваат 67 отсто од потребите за хотели-карантини.

Пред десет дена Министерството за туризам на Грција објави повик за закуп на хотели и туристички објекти во целата земја, кои во текот на сезоната ќе бидат пренаменети и ќе работат исклучиво како карантин за сместување на евентуалните позитивни случаи на Ковид-19 .

Цената на закупнината што ја нуди надлежното Министерство е по соба на дневна основа, односно 30 евра доколку се користи и 10 евра на ден доколку собата е празна.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2020 16:53