Сите играчи во НБА ќе имаат можност да го заменат името на задниот дел од дресовите со пораки поврзани со социјалната правда по рестартирањето на сезоната во Орландо, изјави новинарот на „Атлетик“ – Шамс Шаранија.

Според него, раководството на НБА и Здружението на играчи веќе вечерва ги испратиле деталите за планот, а исто така ја споделиле својата идеја со официјалниот снабдувач на екипите – „Најк“.

– Ние само се обидуваме да фрлиме светлина врз различните проблеми поврзани со социјалната правда за кои момчињата во Лигата продолжуваат да зборуваат секој ден. Луѓето велат дека кога ќе дојдеме во Орландо, нема да се грижиме за социјална правда. Со овој потег, тоа нема да биде така, рече Крис Пол, претседател на Здружението на играчи.

Како што веќе е познато, рестартирањето на сезоната е закажано за утрото на 31 јули со натпревар помеѓу Јута Џез и Њу Орлеанс Пеликанс во 00:30 часот по македонско време.

Од 03:00 часот е дербито на Лос Анџелес – Лејкерс против Клиперси.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2020 14:02