Десетици илјадници Палестинци денеска протестираа во Газа против идејата на Израел за анексирање на делови од Западниот Брег.

Насобраните вееја палестински знамиња и извикуваа пароли против Израел, американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот мировен план за Блискиот исток.

Израелската коалиција го означи 1 јули како првиот ден од кој може да се преземат чекори за спроведување на анексијата. Сепак, израелскиот министер за регионална соработка Офир Акунис изјави дека тоа ќе се случи подоцна во јули.

Претставник на палестинските фракции што учествуваат во протетсот рече дека „окупацијата нема долго да ужива во мирот“. – Како што нашите луѓе во 1987 година покренаа револуција и интифада и овојпат ќе го изненадиме окупаторот и светот со новиот бран борби кои никој не ги очекува, рече тој.

Првата палестинска интифада започна во 1987 година и заврши во 1993 година, додека втората беше помеѓу 2000 и 2005 година.

Вооружената фракција Хамас предупреди оваа недела дека анексијата на делови од Западниот Брег ќе претставува „објавување на војна“.

Израел ги освои Западниот Брег и Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година, а Палестинците сакаат овие области да бидат дел од нивната идна држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2020 23:23