Индиски и кинески воени команданти се состанаа во обид да ги прекинат судирите околу спорната територија, што траат веќе еден месец и ја посочија дека деескалацијата на тензиите треба да се одвива во фази, соопшти денеска неименуван високорангиран припадник на индиската војска.

Ова е нивна трета средба, откако во судирите кои избија во јуни меѓу индиски и кинески трупи на спорната граница на Хималаите загинаа најмалку 20 војници.

Според неименуваниот официјален претставник, се очекуваат повеќе состаноци меѓу воените функционери и дипломати за да се постигне взаемно прифатливо решение и да се обезбеди мир долж спорната „линија на реална контрола“, која ја одделува територијата под контрола на Индијците од територијата под контрола на Кинезите.

Тој додаде дека последната средба се одржала во вторникот на индиската страна на спорната граница.

Кинеското Министерство за надворешни работи сè уште не објави такви информации.

Спорната граница од 3.380 километри на висините на Хималаите е воспоставена во 1962 година по индо-кинеската војна и постигнувањето на кревок мир.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2020 23:30