Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вети денеска дека контролата на владата врз социјалните медиуми ќе биде зголемена по наводните навреди упатени кон неговата ќерка и зет кои на Твитер го најавија раѓањето на четвртото дете.
Во телевизиското обраќање, Ердоган рече дека неговата влада е решена да воведе закони што ќе ги принуди компаниите на социјалните медиуми да воспостават легално присуство во Турција. Тоа значи дека би морале да бидат финансиски одговорни и принудени да одговараат на одлуките на турски суд.
– Дали гледате зошто се противиме на социјалните медиуми, како што се Јутјуб, Твитер, Нетфликс, итн?Неопходно е овие канали да се стават под контрола, рече турскиот претседател.
Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека бројни корисници на социјални медиуми биле приведени во текот на ноќта затоа што наводно преку Твитер ја навредувале ќерката на Ердоган, неговиот зет, кој е министер надлежен за економијата на земјата и новородениот син.