Коронавирусот и натаму брзо се шири низ САД и заради тоа во земјата постои загриженост, соопшти „Гласот на Америка“
Во САД во вторникот беа регистрирани повеќе од 47.000 нови случаи на Ковид-19, што е најголемото дневно зголемување на бројот на инфекции од појавата на пандемијата и најголем раст на хоспитализациите од средината на април.
Во најмалку 19 од 50 држави се суспендирани сите планови за натамошно отворање на економијата, а зголемување на бројот на заразени е забележано во 37 земји.
Според анкетата спроведена од „Ипсос“, пред два дена, дури 81 процент од Американците се „многу“ или „донекаде“ загрижени за пандемијата.
Здравствените експерти, исто така, предупредуваат на опасноста од интензивно ширење на коронавирус.
-Ние се движиме во погрешна насока. Не можеме само да се фокусираме на областите со драстично зголемување на бројот на пациенти. Ова ја загрозува целата земја, изјави водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи пред Конгресот.
Во САД во просек дневно се регистрираат по околу 40.000 нови случаи, а бројката може и да се удвои, предупреди д-р Фаучи.
-Не би бил изненаден доколку бројката се зголеми на 100.000 дневно, доколку работите не се сменаат. Затоа сум многу загрижен, рече Фаучи.
Паралелно со ширењето на инфекцијата се води и жестока дебата за носењето маски.
Претседателот Трамп се соочи со повеќекратни повици од неговата Републиканска партија да носи маска во јавноста.
-Милиони Американци му се восхитуваат на претседателот и го следат неговиот пример. Ако сметаат дека е важно за него да носи маска и тие ќе го сторат истото, изјави републиканскиот сенатор од Тенеси, Ламар Александар.
„Претседателот рече дека нема проблем со маските“, изјави портпаролката на Белата куќа, Кејли МекКенени.
Трамп, меѓутоа, никогаш не стави маска во јавноста и дури ги исмеваше оние што тоа го прават.
-Јас сум за маски. Доколку бев опкружен со луѓе, апсолутно би носел маска, изјави Трамп за телевизијата Фокс, но додаде дека не смета дека носењето маски треба да биде задолжително низ целата земја.