Американскиот претседател Доналд Трамп не добил усмен извештај за наводните руски парични награди за талибанците за убиства на американските и други војници во Авганистан, кои се дел од воената коалиција предводена од САД, изјави советникот за национална безбедност на Трамп, Роберт О’Брајан.

– До тоа не дојде затоа што една високо рангирана службеничка на ЦИА оцени дека разузнавачката информација што укажува на тоа е непроверена, рече О’Брајан, кој не прецизираше дали на Трамп му е предаден писмен извештај за тоа.

О’Брајан изјави дека проценката на службенилката била точна, но, додаде, дека САД силно ќе одговорат доколку се потврди дека Русија навистина им исплаќала награди на талибанците за убиства на американски и други војници од коалицијата.

Би-Би-Си наведува дека разузнавачките податоци за талибанските награди доаѓаат во време на интензивни напори на САД за постигнување мировен договор во Авганистан, а во 2019 година, кога, според тврдењата на неколку американски весници, требало да се спроведе наводниот руски план за напади, Трамп, исто така, се обидел да ги поправи односите со рускиот претседател Владимир Путин.

Русија ги отфрли обвинувањата за награди, а талибанските власти соопштија дека движењето не склучило никакви договори со агентите на Москва.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2020 12:32