Исходот од гласањето за уставните измени Кремљ денеска го нарече „триумф“, велејќи дека тој де факто бил референдум за јавната доверба за претседателот Владимир Путин, на кого му се овозможува да остане на власт до 2036 година.
-Дефинитивно во Кремљ тоа се смета за триумф, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, пренесе Тасс.
Тој додаде дека Путин денеска имал низа телефонски разговори со странските лидери, кои му честитале за „успешниот исход“ на гласањето.
На еднонеделниот референдум во Русија, мнозинството граѓани гласаа за измени во Уставот што ќе му овозможат на Путин да остане на власт до 2036 година.
Врз основа на 100 отсто од преброените гласови, 77,92 отсто гласаа за уставните амандмани, додека 21,27 проценти беа против, соопшти Централната изборна комисија во земјата.
Според последните податоци, 65 отсто од гласачите излегле на гласањето.