Градоначалничката на Вашингтон, демократката Мјуриел Баузер, се обрати до жителите на престолнината во пресрет на најважниот празник во САД, Денот на независноста, и ги повика да останат дома и избегнат големи собири поради опасност од ширење на коронавирусот.

Претседателот Доналд Трамп, пак, најави спектакуларен огномет над Вашингтон и ги повика Американците да прослават. Од Белата куќа најавија дека волонтери ќе раздаваат 300 илјади медицински маски, но дека нивното носење не е задолжително.

-Запрашајте се, дали може да знаете кој ќе застане до вас. Ако отидете во центарот на градот дали може да држите физичка дистанца? праша Баузер.

Taa истакна дека прославата не ги почитува главните здравствени препораки како избегнување масовни собири и држење физичка дистанца.

Претседателот и првата дама, Меланија Трамп, ќе ги предводат празничните настани што годинава ќе се одвиваат во јужниот тревник на Белата куќа, и соседниот голем овален тревник. За огнометот, властите на САД изјавија дека ќе биде еден од најграндиозните од сите што досега се оддржале во чест на 4 јули.

Сепак, стравувањата се големи поради наглиот пораст на нови инфекции во земјата во пресрет на празникот, кога Американците обично слават со масовни собири придружени со огномети во локалните заедници и градовите.

Годинава, сигурно нема да биде исто како минатите празнувања. Посебно настрадани се оние сојузни држави како Флорида, Јужна и Северна Каролина, Арканзас или Калифорнија, каде во изминатите недели се отворија бизнисите но без стриктно запазување на мерките за заштита од пандемијата.

Во изминатите 24 часа во САД беа забележани рекордни 50.000 нови случаи на коронавирус.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2020 22:56