Амбасадорот на Турција во Париз, Исмаил Хаки Муса повикан во француското Министерство за надворешни работи откако на сослушување со француските сенатори изнесе „неточни и пристрасни“ тврдења.

Амбасадорот Муса за време на сослушувањето изјави дека Франција го поддржува либискиот генерал Калифа Хафтар, како и дека француските воени бродови биле агресивни за време на минатомесечниот инцидент со турските воени бродови во Средоземно Море.

– Сакавме од него да ги слушнеме неопходните објаснувања за пропустите, грешките и пристрасните информации што ги изнесе, се наведува во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се додава дека амбасадорот Муса бил потсетен на „неприфатливата природа на однесување на Турција“.

Односите помеѓу двете земји-членки на НАТО се вложени откако Франција ја обвини Турција дека нејзините воени бродови агресивно се однесувале откако француските морнари во јуни се обидоа да извршат инспекција на турски воен брод поради сомнение дека го крши ембаргото на ОН за оружје за Либија. Анкара негираше дека доставува оружје за Либија.

Франција вчера најави дека привремено се повлекува од операцијата на НАТО „Чувар на морето“ по повеќенеделните несогласувања со Турција.

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу вчера истакна дека Турција очекува Франција да и се извини поради инцидентот помеѓу турските и француските воени бродови во Средоземно Море.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2020 11:23