Пандемијата на коронавирус се заканува да ја уназади борбата против ХИВ за десет и повеќе години, соопштија денеска ОН.
„Глобалните цели против ХИВ поставени за 2020 година нема да бидат постигнати“, се наведува во извештајот на агенцијата на ОН за борба против оваа болест – УНАИДС.
Во него се додава дека дури и направениот напредок може да се загуби доколку нешто не се преземе, пренесува весникот Гардијан.
Податоците од 2019 година покажуваат дека 38 милиони луѓе ширум светот се заразени со вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ), што предизвикува СИДА. Тоа е еден милион повеќе отколку во 2018 година, се наведува во извештајот на Агенцијата.
Иако 25,4 милиони луѓе со ХИВ во 2019 година биле на антиретровирусно лекување, сепак, дури 12,6 милиони лица се уште не примаат лекови.
Во извештајот се открива и дека светот заостанува во спречувањето нови инфекции со ХИВ, со 1,7 милиони нови случаи на ХИВ во 2019 година.
-Секој ден во следната деценија, неопходна е решителна акција за да се врати светот на вистинскиот пат за до 2030 година да и се стави крај на епидемијата на СИДА, изјави Вини Бјанима, извршен директор на УНАИДС.