Напаѓачот на Работнички, Давид Тошевски, кариерата ќе ја продолжи во рускиот клуб Ростов, соопштија од клубот.
Тој потпишал петгодишен договор со Ростов и во иднина ќе настапува во руската Премиер лига.
„ФК Работнички изразува задоволство што и понатаму продолжува со стратегијата за форсирање на млади и талентирани фудбалери кои потоа прават трансфери во големите европски клубови“, соопштија оттаму.
Тошевски е дете на Работнички, почетоците ги имаше во пионерско-младинската академија на клубот, а како еден од најталентираните беше прекомандуван во сениорскиот тим и потпиша професионален договор.
Изминатава сезона Давид Тошевски одигра 21 натпревар во дресот на Работнички, беше стрелец на пет гола и забележа три асистенции.
Тој е младински репрезентативец на Македонија.
Трансферот на официјалниот сајт го потврди и рускиот клуб Ростов.