Американецот Феми Олуџоби и понатаму ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска потпиша нов едногодишен договор со тимот, со можност тој да биде продолжен за уште една сезона.
Олуџоби настапи на три средби во АБА2-лигата со просек од 16 поени и осум скока, како и на два меча во Првата лига во кои просечно реализираше 16,5 поени и пет скока. Пред да дојде во „Јане Сандански“, тој неколку месеци одигра во Литванија и тоа за екипата на Лиеткабелис, а претходно, во американската НЦАА-лига настапуваше за Оукленд колеџот, АиТ универзитетот од Северна Каролина и за универзитетот Депол.
Тој е седми сигурен кошаркар во ростерот на тренерот Ѓорѓи Кочов за новата сезона, откако претходно беа обновени договорите со капитенот Дамјан Стојановски и Андреј Маслинко, беа ангажирани Филип Бакоч и Адем Мекиќ, додека од минатата сезона договорни обврски имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.