Фудбалерот на „граѓаните“, Давид Силва, призна дека дури и во неговите најлуди соништа не очекувал да освои толку трофеи. Натпреварот со Норвич ќе биде негов последен со небесносиниот дрес во Премиер лигата.

За 10 сезони во Манчестер Сити, Силва крена 11 трофеи, вклучувајќи четири титули во елитата. Поранешниот играч на Валенсија има 60 гола на 308 натпревари во лигата.

– Кога погледнав наназад и видов колку освоивме, си реков дека не сум ни сонувал за такво нешто. Младите фудбалери не сонуваат за такво нешто. Се надевате дека ќе можете да станете фудбалери и да бидете во можност да играте на највисоко ниво, но не и да освоите толку трофеи, рече 34-годишниот плејмејкер.

И покрај неговите тимски успеси, Давид Силва има само една награда за „Фудбалер на месецот“ во Премиер лигата. Сепак, Шпанецот не жали за недостаток на индивидуални награди.

– Би сакал да бидам запаметен како добра личност која уживаше во фудбалот. Се надевам дека луѓето ја сакаа мојата игра. Тоа е сè што сакам, додаде Силва.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2020 16:45