НБА кошаркарот Лу Вилијамс е под истрага од страна на лигата за посета на стриптиз клуб, откако го напуштил комплексот „Дизни Ворлд“ во Орландо за да оди на погреб, јавуваат американските медиуми.
На 33-годишниот играч на Л.А. Клиперс му е дозволено да го напушти одморалиштето во Орландо, каде што кошаркарите на НБА лигата претстојуваат за време на пандемијата на коронавирус, по смртта на таткото на пријател, објави „ЕСПН“. Вилијамс беше снимен во стриптиз клубот „Меџик Сити“ во Атланта во четвртокот вечерта, со пијалок во рака и маска на лице. Фотографијата, објавена на профилот на американскиот рапер Џек Харлоу на Инстаграм, подоцна беше избришана. Вилијамс на НБА лигата кажал дека отишол на вечера таму по погребот, пишува „ЕСПН“.
На својот официјален профил на Твитер, тој во саботата напиша: „Прашајте некој од моите соиграчи кој е мојот омилен ресторан во Атланта. Никој не се забавува. Смирете се, хаха“. Тој го ретвитна и го пофали „Меџик Сити“ и другите кои го бранеа. Лигата се обидува да открие каде на друго место би можел Вилијамс да биде, за да постави точна рамка за неговиот карантин. Откако ќе се врати, тој ќе биде сместен во самоизолација четири дена – со редовно тестирање на коронавирус – и потенцијално продолжување на карантинскиот период, во зависност од препораките на медицинските експерти.
Во саботата, тренерот на „ножиците“, Док Риверс, видно изнервиран пред контролната со Вашингтон рече дека не може да каже многу за ова патување.
– Јас не бев со него. „Очигледно, овие слики излегоа и тоа е нешто што не го сакаме и не го одобруваме, вели тој.
Двајца други играчи на тимот, Монтрел Херел и Патрик Беверли, го напуштија кампусот оваа недела од лични причини и не се вратија во тимот. Овие недостатоци би можеле да бидат клучни пред градското дерби со Лејкерс следниот четврток, со кое ќе продолжи редовната сезона во НБА.