Германија веќе се бори со втор бран на коронавирус. Во последните неколку недели бројот на потврдени дневни случаи на коронавирус постојано се зголемува, при што здравствените експерти предупредуваат дека неодржување хигиена и непочитување на правилата за физичка дистанца придонесуваат за ширење на вирусот.

– Веќе сме во втор бран, изјави Сузана Џона, претседателка на германското лекарско здружение „Марбургер Бунд“.

Таа ги повика луѓето да се придржуваат кон правилата за одржување физичко растојание и лична хигиена и да носат заштитни маски.

Џона истакна дека болниците се подготвени и постепено ќе обезбедуваат кревети за интензивна нега на пациенти со Ковид-19, а истовремено постепено се намалува бројот на планирани приеми во нормалните одделенија.

Најголемата европска економија досега ја помина пандемијата со многу помалку смртни случаи отколку некои големи соседни земји, како Франција и Италија, поради масовното тестирање, добро опремениот здравствен систем и придржување кон социјалното дистанцирање.

Во последните 24 часа бројот на потврдени случаи на зараза со коронавирус изнесува 879, со што вкупниот број во земјата достигна 211.281. Регистрирани се нови осум смртни случаи, со што бројот на починати се зголеми на 9.156 лица, покажуваат податоците на Институтот за инфективни заболувања „Роберт Кох“



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2020 17:43