Велика Британија ќе се соочи со втор бран на Ковид-19 оваа зима, што би можел да биде двојно посериозен и распространет од првиот бран на епидемијата, доколку се отворат училиштата без ефикасен систем за тестирање и следење на вирусот.

Истражувачите од Универзитетот во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, го оценија влијанието на повторно отворање на училиштата, со полно или скратено работно време за родителите да можат да се вратат на работа, за потенцијално ширење на вирусот.

Тие дојдоа до заклучок дека вториот бран може да биде спречен, ако 75 проценти од луѓето со симптоми бидат откриени и тестирани и 68 отсто од нивните контакти се следени или доколку 87 проценти од луѓето со симптоми бидат откриени, а 40 отсто од нивните контакти се тестирани.

Во студијата се додава дека без ефикасна стратегија за тестирање и изолација, Р ќе се зголеми над еден, а ќе резултира со втор бран на вирусот, што ќе го достигне пикот во декември 2020 година и ќе биде од два до 2.3 пати поголем од првиот бран на Ковид-19.

Главната авторка на студијата, Јасмина Пановска-Грифитис истакна дека системот за тестирање и следење во Англија достигна само околу 50 проценти од контактите на сите тестирани со позитивни резултати на новиот коронавирус.

– Важно е да мислиме дека е можно да се избегне вториот бран на епидемијата ако може да се дијагностицираат доволно луѓе со симптоматски инфекции. Тогаш нивните контакти можат да се следат и ефикасно да се изолираат, објаснува Пановска-Грифитис.

Училиштата во Велика Британија се затворија во март за време на вонредната состојба, освен за децата на клучните работници, и повторно беа отворени за мал број ученици во јуни. Британската Влада соопшти дека сите ученинци ќе се вратат во училиштата до почетокот на септември, а премиерот Борис Џонсон истакна дека тоа е национален приоритет.

Министерот за локална самоуправа Сајмон Кларк изјави дека Владата на Велика Британија се согласува програмата за тестирање и следење на контакти да се усоврши.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2020 20:34