Советничката во Белата куќа и претставничка за печат на американскиот претседател, Келиен Конвеј, синоќа соопшти дека на крајот на август ќе го напушти претседателскиот тим, заради, како што наведе, семејни причини.

Нејзиното заминување од Белата куќа на два месеци пред ноемвриските претседателски избори, се совпаѓа со најделикатниот период за Трамп, кој води кампања за нов мандат и се надева на реизбор, пренесуваат британските медиуми.

Заминувањето на Конвеј е удар за претседателот, бидејќи го напушта еден од најстраствените претставници на медиумите во Белата куќа и лојален соработник кој безрезервно се залагаше за неговата политика и ги бранеше неговите политички одлуки.

Нејзините кратки, концизни, остри и редовни прес-конференции помогнаа да се запре брзото губење на поддршката за американскиот претседател за време на епидемијата на коронавирусот.

Сопругот на советничката, Џорџ Конвеј, инаку конзервативен адвокат и ко-основач на движењето „Линколн Проект“, кое е фундаментално антитрамповско, пред извесно време соопшти дека се повлекува од проектот затоа што не сака да биде во конфликт со сопругата и ќерката.

Американскиот претседател своевремено Џорџ Конвеј го нарече „врескач“ и „ пеколен сопруг“, на што доби одговор дека е „ментално неспособен за американски претседател“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2020 17:10