Белоруската дисидентка Светлана Тихановскаја, од Литванија каде се наоѓа во егзил, се обрати пред Европскиот Парламент изутринава и потврди дека опонентите на режимот на Лукашенко се подготвени за преговори со власта, јави дописничката на МИА од Брисел.

Тихановскаја беше поканета утрово да одржи говор пред комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент. Таа ја повика Европската Унија и меѓународната заедница да го почитуваат суверенитетот на белорускиот народ, кој со недели мирно протестира против резултатите од изборите од почетокот на овој месец.

-Демонстрантите нема да се откажат, волјата на народот нема да биде скршена. Нашата цел е да постигнеме фер и слободни избори. Оттука ја изразувам нашата подготвеност да преговараме со властите и да назначиме преговарачи, спремни сме да разгледаме можност за посредување од страна на меѓународни организации, јас иницирав координативен совет со сите чинители во општеството и сите страни од политичкиот спектар, но властите одговорија со закани и заплашувања кон членовите на советот, изјави Тихановскаја пред европратениците.

Неформалната лидерка на опозициските движења во Белорусија истакна дека овие протести не се “ниту про, ниту анти Русија, ниту про, ниту анти ЕУ„.

-Ова е демократска револуција, битка на една нација да одлучи за самата себе, слободно и праведно да ги избере своите лидери и да одлучи за својата судбина, ова не е насилна револуција, рече Тихановскаја, повикувајќи ги сите страни и држави да го “почитуваат територијалниот интегритет на Белорусија“.

Протестите во Белорусија започнаа по изборите за претседател на 9 август, откако Александар Лукашенко, на власт од 1996, се прогласи за победник. На овие избори немаше меѓународни набљудувачки мисии, а ЕУ и САД не ги признаваат резултатите и ги сметаат за фалсификувани.

Во име на европската дипломатска служба на денешната седница на комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент се обрати и Хелга Шмид, генерална секретарка на Европската служба за надворешни работи.

ЕУ, рече таа, од блиску ја следи состојбата на терен во Белорусија и се спротивставува на било какво влијание од надвор.

-Она што е многу важно во оваа мобилизација е дека таа се однесува на слободен избор на лидерите и иднината, и не се сведува на бинарен избор помеѓу ЕУ и Русија, впрочем на протестите нема ни ЕУ знамиња, потсети Шмид.

Европската Унија “најстрого“ ја осудува бруталноста на властите кон демонстрантите, тортурата и деградирачкиот третман и повикува на ослободување на сите политички затвореници, истовремено фокусирајќи се на изготвување на санкции кои нема да го погодат обичниот народ и ревизија на односите ЕУ – Белорусија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2020 21:15