Во Појасот Газа денеска се воведени мерки за карантин, откако беа потврдени првите случаи на заразени со коронавирус во палестинската енклава.

Портпаролот на владата рече дека четири случаи на Ковид-19 биле потврдени во едно семејство во бегалски камп.

Властите синоќа наредија затворање на претпријатијата, училиштата и џамиите најмалку 48 часа. Улиците претежно беа празни, со исклучок на мал број луѓе кои излегоа да купат намирници во прехранбените продавници и пекари, кои се меѓу ретките отворени објекти.

Како што пренесуваат странските агенции, здравствената криза во Појасот Газа се одвива паралелно со засилените тензии меѓу милитантите и Израел, кој на нападите со запалливи балони одговори со воздушни напади на позициите на Хамас.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2020 21:35