Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска порача дека Турција ќе го земе она што ѝ припаѓа и во Средоземното Море и во Црното и во Егејското Море, јави агенцијата Анадолија.
Во Турција денеска се одбележува 949-годишнината од историската Битка кај Малазгирт (Манцикерт), и по тој повод во градот Муш се обрати турскиот претседател Ердоган.
Во фокусот на обраќањето на Ердоган беа актуелните тензии во Источниот Медитеран, при што турскиот претседател ги предупреди лидерите на другите земји кои ѝ го оспоруваат правото на Турција на истражување и експлоатација на природните богатства на тоа подрачје.
Тој подвлече дека Турција „ќе го земе она што ѝ припаѓа и во Средоземното Море, и во Црното и во Егејското Море“.
– Сакаме сите да бидат свесни дека Турција не е земја чија трпеливост, одлучност, спремност и храброст треба да се тестираат, предупреди Ердоган.
– Она што ќе го кажеме, тоа и ќе го направиме, по секоја цена. Оној кој е подготвен да застане пред нас, нека повели или нека ни се тргне од патот, додаде тој.
Турскиот претседател повтори дека Турција нема претензии кон територии на ниту една земја.
– Како што ние немаме претензии кон ничија територија, суверенитет и интерес, нема да дозволиме узурпација на она што нам ни припаѓа, рече Ердоган и ги повика своите соговорници, како што рече, „да се оддалечат од грешките што би можеле да им го отворат патот до сопственото уништување“.
Анадолија потсетува дека Битката кај Манцикерт, односно кај денешниот град Малазгирт во источна Турција, се случи во 1071 година кога турските Селџуци, предводени од султанот Алп Арслан, го победија византискиот цар Роман IV. Последица на поразот беше ослабената одбранбена моќ на Византијците, но и доселувањето на турско население во историската област Анадолија.
Битката кај Малазгирт во историјата се смета за пресуден настан кој е директно одговорен за подоцнежниот распад на Византија, а Селџуците, водени од победата во таа битка, ги продолжија своите победнички походи во Мала Азија.