Две лица загинаа, а едно е повредено за време на немирите во градот Кеноша во американската држава Висконсин, кои траат веќе трета ноќ откако полицијата го рани афроамериканецот Џејкоб Блејк.

Во тек е истрага, а според соопштението на локалната полиција, сите три лица биле погодени од огнено оружје, додека други детали, вклучувајќи ги идентитетите на загинатите и другите учесници во инцидентот, сè уште не се познати.

Демонстрантите се собираат на улиците на градот во изминатите три дена во знак на протест поради ранувањето на Блејк, игнорирајќи го полицискиот час. Протестите повремено се насилни.

Според локалните медиуми, се претпоставува дека престрелката се случила во судир меѓу група демонстранти и вооружени лица што обезбедувале бензинска пумпа.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/08/2020 19:05