Мајк Пенс пред конвенцијата на Републиканската партија синоќа формално ја прифати кандидатурата за потпретседател на САД за уште еден мандат, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Неговиот настап беше прикажан виртуелно, пред само десетици гости, а се одржа од Форт-Мекхенри во Балтимор, сојузна држава Мериленд. Пенс изјави дека САД поминуваат низ време на искушенија, но оти „имаме претседател кој стои пред секој предизвик и непријател и ги брани нашите слободи“.

-Голем дел од Американците во 2020 година поминаа низ многу искушенија… Имаме претседател кој стои пред секој предизвик и непријател и ги брани нашите слободи, посочи тој.

Раскажа за историјата на одбраната на тврдината Мекхенри од Британците пред повеќе од два века, главна тема во стиховите на химната на САД The Star-Spangled Banner (Знаме засипано со ѕвезди).

-Форт Мекхенри опстои, и изутрината, нашето знаме се уште беше овде, изјави потпретседателот, цитирајќи го текстот на химната.

-Мои драги Американци, минуваме низ перид на искушенија, но ако погледнете низ маглата на овие тешки времиња, ќе видите дека нашето знаме денеска се уште е таму, рече Пенс.

Кандидатурата на Трамп и Пенс за претседател и потретседател од Републиканската партија беше објавена на 24 август. Формалната согласност дека е подготвен да ги претставува сопартијците на овие избори Трамп треба да ја даде денеска и со тоа конвенцијата на републиканците ќе заврши.

САД се пред уште едни избори закажани на 3 ноември. Ќе се избира претседател и потпретседател, сите 435 члена на Претставничкиот дом и третина од Сенатот на Конгресот на САД, гувернери од 13 сојузни држави и теротории.

На изборите, соперник на Трамп ќе биде демократот Џозеф Бајден, со Камала Харис, од демократите, номинирана како кандидат за потпретседател на САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2020 21:31