Новото засилување на Манчестер Јунајтед, Дони ван де Бик е убеден дека тој брзо ќе се вклопи во шемата за игра на Оле Гунар Солскјер благодарение на неговата разноврсност. Холанѓанецот стана првото големо летно засилување на „црвените ѓаволи“ откако пристигна на „Олд Трафорд“ од Ајакс за сума од 35 милиони фунти.

Сепак, некои експерти се прашуваат дали 23-годишниот халф ќе добие директно место во почетниот состав на Манчестер Јунајтед, со оглед на присуството во центарот на теренот на Бруно Фернандес и Пол Погба. Двајцата извршуваат слични функции како поранешниот играч на Ајакс, но Ван де Бик не е загрижен за конкуренцијата, бидејќи може да игра на неколку различни позиции.

– Јас можам да играм каде било во средниот ред. Минатата сезона играв како 6-ка, 8-ца, 10-ка. Позицијата не ми е важна. Важно е да се стигне до шеснаесетникот, да се постигнуваат голови и да се асистира. Ако ја имам таа слобода, мислам дека можам да играм каде било, изјави тој за „Астро СуперСпорт“.

Холандскиот репрезентативец стана еден од најпосакуваните млади играчи од средниот ред во Европа за време на неговиот престој на „Јохан Кројф“ арената, а очекувањата за него во Манчестер Јунајтед не се мали.

Денеска може да дебитира за „црвените ѓаволи“ против Кристал Палас.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2020 15:03