Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, кој беше двоен стрелец синоќа против Болоња во 1. коло од италијанскиот шампионат (2:0), се спореди со херојот на филмот „Необичниот случај на Бенџамин Батон“.

-Јас сум во добра форма, работам. Победивме, а јас можев да постигнам повеќе. Да имав 20 години, ќе постигнав уште два гола. Не, не сум стар, јас сум како Бенџамин Батон – почнувам стар и умирам млад! Настрана шеги, тимот играше добро, ние сè уште не сме 100% подготвени и затоа направивме некои грешки што обично ги избегнуваме, изјави Ибрахимовиќ за „Скај Италија“.

Тој очекува Милан да биде поуспешен од минатата сезона.

-Нашата цел е да постигнеме повеќе од минатата сезона. Оваа година треба да играме натпревар по натпревар, да играме самоуверено и да го третираме секој меч како финале, додаде шведскиот фудбалер.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2020 10:53