Плејмејкерот на Работнички, Демиер Питс е позитивен на коронавирус, објави клубот од „Градски парк“.

– Би сакале да ја информираме јавноста дека американскиот плејмејкер Демиер Питс, кој неодамна ја продолжи соработката со КК Работнички е позитивен на вирусот КОВИД -19.

Кај Питс е евидентиран позитивен тест, по направените редовни контролни тестирања од страна на раководството на КК Работнички. Тестирани се и останатите играчи, кадешто тестовите се негативни на вирусот КОВИД-19.

До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување, Американецот Демиер Питс останува во изолација.

Почитувајќи ги протоколите за работа и мерките од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство, КК Работнички продолжува со редовна работа и одржување на тренизите со останатиот кошаркарски тим, за подготовка на домашните првенства и меѓународни натпреварувања.

„Му посакувам брзо опоравување на Демиер Питс и враќање во тимот со останатите соиграчи. За сите дополнителни информации, навремено ќе ја информираме јавноста за состојбата на нашиот колега.

Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат мерките и да бидат индивидуално одговорни за заштита на колективното јавно здравје, изјави директорот на Работнички Ненад Павловски.

Работнички во 1. коло од новото првенство ќе игра со МЗТ Скопје Аеродром.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2020 15:39