Шеснаесет-кратниот шампион во НБА-лигата Лос Анџелес Лејкерс сега е на само два чекори од додавање на рекордната 17-та титула на својата богата визит-карта.
Играчите на Френк Вогел го победија Мајами Хит во натпреварот бр.2 од финалето, совладувајќи ги со конечни 124:114 (29:23, 39:31, 35:39, 21:21).
Така, тимот од Калифорнија веќе има предност од 2-0 во победи во серијата, а уште само два успеси им требаат до првата титула во последната деценија.
Лејкерси целосно го искористија отсуството на повредениот центар на Мајами Бам Адебајо и доминираа во рекетот на противникот. Лејкерси постигнаа 56 од своите поени во оваа област, а исто така освоија и 16 скока во нападот наспроти само 6 на Хит.
Мајами, пак, се претстави исклучително добро, иако мораше да се справи и без Адебајо и без друг свој главен играч – Горан Драгиќ, кој има повреда на глуждот. Хит се врати од негатива од 18 поени и се обиде да ја намали разликата, но моќта под кошот на Ентони Дејвис, лидерството на Леброн Џејмс и силните вклучувања од клупата на Ражон Рондо ги запре сите нивни обиди да направат пресврт.
Леброн постигна 33 поени, зеде 9 скока и направи 9 асистенции, не правејќи грешки во нападот и постигна 14 од своите 25 обиди од игра. Ентони Дејвис беше немилосрден со 32 поени и 14 скока при шут од поле 15/20, Ражон Рондо забележа „дабл-дабл“ од 16 поени и 10 асистенции за 26 минути, а Кентевиус Калдвел-Поуп и Кајл Кузма погодија секој по 11 поени.