По поразот во финалето од плејофот во НБА, Џими Батлер изјави дека ќе мора повторно да се обиде да ја освои титулата со Мајами затоа што, како што рече, им ветил на организацијата, тренерот и неговите соиграчи дека ќе го донесе прстенот.

По доаѓањето од Филаделфија, Џими Батлер беше „алфа и омега“ во Мајами. Тој беше лидерот што му беше потребен на Хит по заминувањето на Двејн Вејд. Кошаркарот можеше да го одигра целиот натпревар на највисоко ниво за да стигне до триумф. На крајот, тоа не беше доволно, но Батлер сигурно ќе сака да се обиде повторно.

– Ова е она што тимот го побара од мене, ова е она што организацијата го побара од мене. Јас им реков дека ќе го освојам шампионатот и не го исполнив својот дел од зделката, тоа значи дека треба да се обидам повторно следната година. Му реков на тренерот Пат (Рајли), тренерот Спо (Сполстра) дека сум тука за прстенот. Не го завршив своето и затоа ќе продолжам понатаму и морам да го исполнам својот дел од зделката, изјави Батлер по поразот во шестиот натпревар од последната серија.

Тој исто така додаде дека нема намера да менува тим затоа што Мајами му обезбеди топол дом. Тој се приклучи на овој тим по трампа од Филаделфија. На Батлер му се допаѓа работата со младите играчи во Мајами.

– Јас припаѓам овде. Се смеам тука. Ме прави среќен. Би сакал да ја освоев титулата за градот. Би сакал да ја освоев титулата за соиграчите, организацијата, но сепак сум задоволен за она што се случи, додаде тој.

Батлер на Инстаграм сподели дека најдобро е сите да веруваат дека Мајами ќе се врати.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2020 20:29