Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Ентони Дејвис, му ја посвети титулата во НБА-лигата на Коби Брајант, кој загина во пад на хеликоптер во јануари. Вечерва Лејкерси станаа НБА шампиони по 17-ти пат во својата историја откако во шестиот натпревар од финалето го совладаа Мајами Хит со 106:93.

– После оваа трагедија, сите сакавме да го сториме тоа за него. И не го изневеривме. Би било одлично ако успееме да ја освоиме титулата на петтиот натпревар кога игравме со дрес посветен на Брајант. Знам дека нè гледа и дека е горд на нас. Знам дека неговата сопруга Ванеса е горда на нас. Тоа значи многу. Тој беше како постар брат за сите нас и го сторивме тоа за него, рече Дејвис.

На 26 јануари, приватен хеликоптер со 41-годишниот Брајант се урна во близина на Лос Анџелес. Пилотот и сите осум патници починаа, вклучувајќи ја и 13-годишната ќерка на кошаркарот – Џана.

Коби Брајант е петкратен НБА шампион со Лос Анџелес Лејкерс, а во 2008 година ја освои наградата за најкорисен играч во НБА. Во 2009 и 2010 година тој стана МВП на финалето во Лигата.

Како дел од тимот на САД, Брајант освои две олимписки титули (2008, 2012). Тој е четврти најдобар реализатор во историјата на НБА (33.643 поени) и има играно 18 пати на НБА Ол-стар натпреварот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/10/2020 21:00