Бугарија, која кажуваше дека се залага за проширувањето на Европската Унија и за отворањето на европскиот пат за државите од Западен Балкан, сега токму таа држава го блокира тој пат, и тоа на своите соседи и и поради свои националистички интереси, затоа што барањата на Бугарија во однос на факти немаат никаква основа. Тоа што и го прави Бугарија на Македонија е срамно и навистина не е фер.

Ова во разговор за МИА, за противењето на Бугарија за почеток на преговорите за Македонија, го вели Ирена Јовева европратеничка од Словенија со македонско потекло, која во ЕП заседава во групата Ренесанса на Европа и меѓу другите функции, е заменик претседател на Делегацијата на ЕП во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија.

– Немам никаков проблем, да се изјаснам во врска со бугарската блокада. Кој и да ме праша, го добива истиот одговор и кога имам прилика да кажам, што мислам, всушност не да кажам, што мислам, туку така како што е, и го кажувам тоа. Ние неодамна имавме состанок со групата на европратеници пријатели на Македонија, гостин ни беше министерот Османи, јас таму јасно им кажав на сите дека тоа што и го прави Бугарија на Македонија е срамно и дека навистина тоа не е фер.

Јас сум жив доказ дека постојат двата народа, двата идентитета и двата јазика, бидејќи покрај македонското имам и бугарско потекло по татко ми. Еднаш еден колега од Бугарија, ми кажа: „ама Ирена, ти не си од два народа, ти си од един народ. Јас му одговорив: Јас не сум од еден, јас сум од два народа. И да знаете дека никогаш нема да преможам на такви нешта и секогаш ќе кажам што мислам. Никогаш!

Како вие ја анализирате сегашната бугарска позиција во однос на Македонија и нивните барања?

– Како што кажав, многу е тажно ова што се случува сега, толку години Грција ги блокираше Македонците, а македонската држава направи се што се барало од неа, па и повеќе од тоа, бидејќи таа го смени дури и името. Значи сега е срамота, ја убедивме Франција да престани со некои свои нефер интереси кон Македонија и сега мораме да ја убедуваме Бугарија, која барам така кажуваа нели, се залагаше за проширувањето на Европската Унија и за отворањето на европскиот пат за државите од Западен Балкан. И сега токму таа држава , тој пат го блокира. Тоа го прави на своите комшии и тоа го прави поради свои националистички интереси, затоа што барањата на Бугарија немаат никаква основа на факти. Просто, јас не можам да разберам , ќе се расправаме ли цел живот за некаков реваншизам. Историјата не може да се менува и не смее да се тргува ниту со бугарскиот народ, ниту со македонскиот народ. Ниту со јазикот, ниту со историјата, ни од една, ни од друга страна. Затоа што не смее поради тоа да страда иднината на еден народ., кој сака само да живее подобро и кој заслужува да живее подобро.

Дали барањата на Бугарија наидуваат на разбирање во Брисел, посебно кај вашите колеги европратеници?

– Не! Никакво разбирање нема за оваа блокада овде во Брисел, освен кај Бугарите кои се дел на десниот политички блок. Затоа што билатералните прашања не смеат да се користат како блокада на пристапните преговори на една земја со ЕУ. Замислете секоја земја да ги решава своите проблеми на овој начин и преку историски ревизионизам, тогаш Европската Унија никогаш не би имала толку членки.

Во анализата на Политико се вели дека комесарот Оливер Вархеји и Комисијата се премногу меки кон Софија во однос на блокадата, исто како и ЕПП која го поддржува Борисов.

-Проблемот не е ниту во ЕП, ниту во Европската комисија, проблемот е во Советот. Односно во можноста една држава членка да блокира се што ќе и падне на памет. Значи Комисијата не може многу да направи, а ни ние во Парламентот не можеме, освен и ова сега го нагласувам – освен да вршиме притисок.

Ова што го прави Бугарија е дел на нивната политичка кампања и често, премногу често, национализмот се користи за добивање евтини политички поени. Тоа треба јасно и гласно да се каже, значи тука нема на меко. Знам дека сега некои од политичарите кои се повеќе време во политика од мене, ќе помислат или ќе кажат „еј, Јовева нема поим што е дипломатија. Знам многу добро што е дипломатија и имам поим, но знам дека многу пати, дипломатијата како таква не е доволно добар одговор. Европската Унија не може да биде строга само во овој случај со земјите на Западниот Балкан, а земјите членки да ги остави на мира, да поминат без проблеми со нивното неприфатливо однесување. Не може тоа.

Комесарот Вархеји од негова страна вели дека Скопје и Софија треба да најдат компромис, односо Македонија да и излезе во пресрет на барањата на Бугарија, но тоа се барања кои според добар дел од македонското јавно мислење, задираат во идентитетот на народот, јазикот и тешко се прифатливи за голем дел од Македонците.

-Каков компромис, не знам каков компромис. Нека ми објасни комесарот каков компромис и како Македонија да излезе во пресрет на барањата на Бугарија, кога тие барања не се праведни. Јас мислам дека овие прашања не смеат да се користат за зголемување на национализмот или евроскептицизмот. Блокадите, недостатокот на дијалог и недостатокот на почитување не доведуваат до ништо.

Бугарија и бугарските политичари многу се лути што во резолуцијата на ЕП за Бугарија, неодамна беше споменато постоењето на македонското малцинство во Бугарија и се бараше иѕвршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, а ги има многу. Слични барања и препораки има донесено и Комитетот на министрите на Советот на Европа, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Комесарот за човекови права на Советот на Европа...

– Наместо да се лутат би требало да сфатат дека судските пресуди треба да се почитуваат. Како што земјите кандидатки мораат да ги почитуваат правата на малцинствата, така мораат и земјите членки. Иако понекогаш се чини дека забораваат на тоа.Но, мораат да го сторат тоа. Ако нешто игнорираш, тоа не значи дека тоа нешто не постои. Секоја земја треба да обезбеди права и безбедност на сите свои малцинства.

Дали денес во сегашна Европа во 21 век можат да се користат аргументи од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век за да се запре напредокот на една една земја, која има впечаток дека нејзините напори и компромиси не носат плод.?

– Не можат да се користат неправедни аргументи. Иднината е важна. Значи не може никој да одлучува наместо мене за мојот идентитет. Кој сум јас и што сум јас. Не може. Како што веќе реков, зголемување на национализмите и историските прашања, тука на никого нема да им помогнат, ни на едните ни на другите. Македонија, навистина направи толку многу, и тоа мора да биде препознаено и наградено. Во Европскиот Парламент го признавме тој напредок. Знам дека разочарувањето во земјата е големо, но Македонија мора да продолжи по тој пат, бидејќи тие реформи се прават за подобар живот на граѓаните, а не поради Европската Унија.

Дали се надевате на брза разврска по прашањето за Македонија и нејзините евроинтеграции?

– Јас секако се надевам дека ова прашање ќе се реши брзо и дека ќе биде постигнат договор и дека Македонија ќе може што поскоро да ги отвори првите поглавја за пристапување во ЕУ. Се надевам, а што ќе се случи не знам. За жал не зависи од мене. Да зависи од мене, Македонија ќе беше длабоко во преговорите уште одамна, уште пред промената на името, ако не и земја членка.

Кои се ризиците ако не дојде до брзо решение за бугарската блокада на Македонија?

– Мислам дека најголемиот ризик е губење на довербата на Македонците во ЕУ, што никако не би требало да се случува. Не смееме да го дозволиме тоа, а и не смееме да заборавиме дека Европскиот парламент заедно со уште дваесет и шест земји членки во Советот за започнувањето на преговорите кажаа ДА, само една земја кажа не.

Би сакала само на крајот да кажам дека ние се обидуваме и правиме колку што можеме за да ја охрабруваме Македонија да продолжи со реформите за подобар живот за сите нејзини граѓани. И сакам да кажам дека нејзините пријатели во Европскиот парламент ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија, исто така е добро да се продолжи со регионалната соработка со другите земји од Западен Балкан. Тие да се мотивираат една со друга во врска со реформите и напредокот.

Тони Гламчевски



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2020 14:47