Досегашниот шеф на стручниот штаб на струмичкиот прволигаш, Југослав Тренчовски, објави дека завршува со неговиот ангажман во таборот на Академија Пандев.

Во разговор за МИА тој потврди дека заминува од кормилото на струмичкиот прволигаш согласно договорот кој го имал со клубот, но повеќе околу идните ангажмани не сакаше да зборува.

Тој даде оценка на есенскиот дел од првенството, во кое струмичани многу не блескаа.

-Горд сум на пласманот во полуфиналето од националниот куп. Но, исто така, имавме и многу падови, премногу изгубени бодови на домашен терен, бевме сведоци на многу судиски одлуки кои беа на штета на сите нас. Во едно сум убеден, а тоа е дека од сите овие моменти научивме многу бидејќи го чекоревме најтешкиот пат. Лузните кои ги добивме во овој период во иднина само ќе сведочат за нашата желба, постојаност, верба, вели Тренчовски.

Ги повика раководството и фудбалерите во периодот на одмор да носат мудри одлуки со ладни глави.

-Засекогаш ќе останете во мојата позитивна страна, од една моја приказна во која ќе ги помнам само прекрасните моменти. Во иднина ќе бидам ваш најверен подржувач, затоа што убеден сум дека ќе успеете во зацртаната цел, затоа што вие сте моите херои, порача досегашниот шеф на стручниот штаб на „Академија Пандев“.

На нашето прашање околу идните ангажмани рече дека сега е време за некои лични и нови предизвици и нови почетоци, без да прецизира конкретно за што станува збор.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2020 22:22