Интересни вести доаѓаат од Шпанија. Барселона се уште не е сигурна за точниот датум на враќање на „Камп Ноу“, со оглед на тоа што работите за реновирање на стадионот се уште траат. Откако првично беше одреден за крајот на ноември 2024 година, тој датум веќе беше одложен три пати. Ова може да се одрази на последното „Ел Класико“ во сезоната во Ла Лига.

Нивната дозвола за користење на стадионот „Луис Компанис“ беше продолжена од Градскиот совет на Барселона до крајот на април, што ќе му овозможи на тимот да остане на Монжуик. Сепак, престојот на „волшебниот рид“ не можат да го продолжат понатаму бидејќи за мај се планирани серија концерти на таа локација.

Тоа значи дека во ризик е едно од најголемите дербија во светот, „Ел Класико“.

Следното дерби помеѓу Барселона и Реал Мадрид е закажано за 11 мај. Натпреварот е предвиден да се игра на „Камп Ноу“, но со намален капацитет од 60.000 седишта. Сепак, со оглед на неизвесноста на ситуацијата, „АС“ тврди дека Барселона ја разгледува можноста мечот да го пресели во странство.

Наводно, Каталонците ја проценуваат можноста мечот да се игра на друг голем европски стадион доколку „Камп Ноу“ не биде подготвен. „Ел Класико“ вообичаено носи приходи меѓу осум и девет милиони евра, а нивната идеја е да играат далеку од Монжуик поради помалиот капацитет.

Овој план се уште не е разговаран со Ла Лига или Шпанската фудбалска федерација, од која мора да добие одобрение. Треба да се напомене дека Ла Лига неколку пати предлагаше да се организираат натпревари во САД, а последните планови беа дуелот помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид да се игра во Мајами во декември минатата година, но тие беа откажани.

Овој план доби одобрение од Барселона, што сугерира дека Ла Лига може да биде отворена за идејата. Проблемот тогаш произлезе од федерацијата со оглед на тоа што тогаш немаше постојан претседател и имаше сомнеж за законитоста на одобрението од привремената комисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2025 15:01