Последнопласираниот тим во Бундеслигата, Шалке 04, му врачи отказ денеска на тренерот Мануел Баум и на негово место го назначи Хуб Стевенс, кој по четврти пат во кариерата се враќа во екипата од Гелзенкирхен.

Шалке е во историска серија од 28 натпревари без победа што се протега во две бундеслигашки сезони, и со само четири бодови од 12 натпревари е убедливо на последното место на табелата.

Баум седна на клупата на Шалке во септември годинава и доби отказ по десет натпревари без ниту една победа.

Неговиот наследник Хуб Стевенс е легендарно тренерско име во Шалке со кој ги освои Купот на УЕФА во 1997 и два трофеи во националниот куп, во 2001 и 2002 година.

Холанѓанецот Стевенс (67) својата тренерска кариера ја прекина во 2016 година поради проблеми со срцето, но се врати да му помогне на својот омилен клуб и тоа само за претстојните два натпревари – против Арминија Билефилд, в сабота, и против четвртолигашот Улм во германскиот куп, на 22 декември.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2020 22:40