Американскиот интернационалец Доминез Барнет од денеска е кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша договор со „сино-белите“ со важност до крајот на сезоната.

– Станува збор за искусен бек-шутер, кој од 2016 година настапува како професионалец во Европа, а претходно бил дел од Девенпорт Универзитетот во НЦАА-лигата. Прв европски клуб му е Пардубице, каде што одигра една ипол сезона во која беше најдобар стрелец во првенството во Чешка. Поради тоа, во јануари 2018 година неговиот договор беше откупен од летонски Вентспилс, со кого ја освои шампионската круна. Потоа го носеше дресот на италијанскиот тим Универсо Тревисо со кој беше првак во Серија А2, по што се пресели во силната ВТБ-лига и белорускиот тим Цмоки од каде што доаѓа во нашиот табор, соопшти МЗТ Скопје.

Барнет ќе ја пополни празнината по заминувањето на Тодрик Гочер во Грција, од каде што тимот на Месолонги ја плати откупната клаузула во износ од 15.000 евра.

Во таборот на аеродромци се надеваат дека ќе успеат навремено да го регистрираат својот нов играч со цел да добие право за настап на вториот турнир од АБА2-лигата во Бања Лука, кој почнува на 18 јануари.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2021 14:40