Во 2021 година првиот официјален натпревар за Вардар 1961 ќе биде домашниот дуел од СЕХА Газпром лигата против Војводина. Натпреварот е закажан за 28 јануари во СЦ „Јане Сандански“ во 17:45 часот.

Договорени се термините и саатниците и за двете средби во февруари. За следниот месец предвидени се дуелите со НЕКСЕ во Скопје и со Мотор Запорожје во Украина.

Натпреварот со НЕКСЕ треба да се игра на 1 или 2 февруари, додека средбата со Мотор е закажана за 27 февруари.

– Се подготвуваме со ростерот со кој располагаме. Посветуваме внимание на физичката подготвеност, и утринските тренинзи се посветени токму на тоа. Во попладневниот термин повеќе работите на воигрување и некои тактички замисли. Ни недостасуваат шест стандардни играчи, но секако треба да бидеме сконцентрирани на секој противник. Во сабота ќе играме контролен меч со Металург со цел да видиме до каде сме со формата. Нема многу време, и откако ќе се комплетираме верувам дека ќе можеме да имаме барем 1-2 тренинзи во комплетен состав, или речиси комплетен состав. Не очекува напорен период и работиме на тоа да бидеме подготвени, изјави тренерот Стевче Алушовски за клупската веб-страница на Вардар 1961.

Вардар во моментов е без македонските репрезентативци Стојанче Стоилов, Димитар Димитриоски, Филип Талески и Марко Мишевски, како и без Патрик Валчак (Полска) и Иван Чупиќ (Хрватска) кои настапуваат на Мундијалот во Египет.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2021 23:20