Селекторот Александар Тодоров нема да може да смета на Андреј Јакимовски за завршните четири натпревари во евроквалификациите, откако младиот центар не доби дозвола од неговиот клуб Вашингтон Стејт да ѝ се приклучи на македонската кошаркарска репрезентација за дуелите во Перм во втората половина на феваруари.

-Добивме официјална писмена потврда од Универзитетот Вашингтон Стејт со која нè информираат дека Андреј Јакимовски не може да биде ослободен од обврските во тој временски период. Го прифативме тоа, ќе играме без сите кои ќе ги немаме на располагање“, изјави денеска спортскиот директор на македонскиот национален тим, Тодор Гечевски.

Кошаркарската федерација соопшти дека првиот дел од подготовките во Скопје, поради професионални клупски обврски, ќе го пропуштат Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски.

Македонската кошаркарска репрезентација на 15 февруари со чартер-лет ќе отпатува за Перм на завршните квалификациски средби за пласман на Евробаскетот 2022 година.

Избраниците на Тодоров од 18. до 22 идниот месец ги очекуваат два натпревари против Италија, и пресметки со Русија и Естонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2021 00:49