Кошаркарите на ,Баскет Кам од Македонска Каменица во заостанатиот натпревар од есенскиот дел на Втората машка кошаркарска лига на Македонија извојуваа висока победа над Куманово со 93:56 (47:29 полувреме).
За стручниот штаб на екипата која од неодамна го назначи поранешниот репрезентативец Тони Симиќ за прв тренер, целосната контрола на играта на домашната екипа во текот на целиот натпревар е доволен показател дека каменичани се на вистинскиот пат за едно од првите три места на табелата на крајот од сезоната 2020/21.
– Задоволни сме од играта на сите поединци. Тимот покажа високо ниво на дисциплина во одбраната и рационалност во нападот. Одигравме добро, тимски, што особено во вториот дел од натпреварот ни даде простор за разигрување на дополнителни тактики и учество во игра на сите играчи од екипата, изјавија од Баскет Кам по завршувањето на натпреварот.
Екипата на Баскет Кам во моментот се наоѓа на четврто место на табелата од Втората машка кошаркарска лига на Македонија, а од стручниот штаб во понатамошниот дел од првенството на чело со стратегот Тони Симиќ и натпреварите на домашен терен во реновираната спортска сала во Македонска Каменица, очекуваат сигурна борба во разигрувањето за влез во Првата кошаркарска лига на Македонија.
Поради важечките протоколи за заштита од Ковид 19, натпреварот во спортската сала се играше без присуство на публика.