Естонската репрезентација, која е главен конкурент на македонските кошаркари за пласман на Европското првенство, во ослабен состав ќе ги одигра завршните квалификациски натпревари во Перм.
Во естонскиот, состав, како што е соопштено денеска, поради повреда на грбот ќе недостасува еден од поискусните кошаркари Раин Вајдеман, а многу извесно е дека селекторот Јука Тоијала нема да може да смета ниту на услугите на еден од најдобрите свои играчи Сандер Раиесте, откако членот на шпанскиот првак Басконија не доби дозвола од клубот за настап на евроквалификацискиот турнир во Русија.
Натпреварот против Естонија, што се смета за клучен за евентуален пласман на македонските кошаркари на завршницата на Евробаскетот во 2022 година, ќе се игра в понеделник, од 15 часот, а на „црвено-жолтите“ ќе им биде неопходна победа со повисока разлика од поразот од 81:72 што противникот им го нанесе минатиот февруари во Скопје.