Македонската кошаркарска репрезентација загуби попладнево од Италија со 92:84, во првиот од четирите завршни натпревари што до понеделник ќе ги игра во рускиот град Перм во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година.
По резултатски изедначената прва четвртина што Италијанците ја решија во своја корист со 25:23, македонската репрезентација презеде константно водство до полувремето.
Предводени од ефикасниот Ненад Димитријевиќ, со 19 поени во првото полувреме, и со цврста игра во одбраната, „црвено – жолтите“ на една минута и 25 секунди до полувремето стигнаа до највисока предност од 43:35.
Италија со две тројки до полувремето ја „стопи“ предноста на македобските кошаркари, а по изедначената трета четвртина, противникот одигра многу подобро во завршните десет минути.
Македонските кошаркари немаа решение во одбраната, дозволувајќи им на Италијанците дури 29 поени во последната четвртина за конечни 92:84.
Најефикасен во македонските редови беше Димитријевиќ со 24 поени, запишувајќи и 12 асистенции, додека Џејкоб Вајли постигна 17 поени.
Македонската репрезентација утре го игра вториот натпревар на евроквалификацискиот турнир во Перм против домаќинот Русија во истиот термин од 15:30 часот.
Италија, која заедно со Германија, Чешка и Грузија, е коорганизатор на Европското кошаркарско првенство во 2022 година, е првопласирана во групата Б со максимални четири победи, Русија е второпласирана со две победи и два порази, Естонија е трета на табелата со една победа и два порази, а македонската репрезентација има три порази од исто толку натпревари.