Кошаркарките Крива Паланка синоќа остварија важна победа на гостински терен во Скопје, совладувајќи ја екипата на МЗТ со резултат 64:50. Натпреварот е од осмото коло од Првата женска кошаркарска лига, прв од вториот дел на сезоната 2020/21.

Резултатот во дуелот беше на страната на кривопаланечкиот табор уште од првите минути од првата четвртина, а остана така до крајот на мечот.

– Вчерашниот дуел кој го оценувам како тежок, бидејќи иако предноста беше постојано на наша страна, искуството на играчите на МЗТ беше заслужно за неизвесност и напнатост во текот на целиот натпревар. Задоволни сме од нашата игра, која мора да кажам најповеќе беше на терет на стартните пет играчи, со мала ротација во ростерот, домаќините вложија максимални напори да направат пресврт, но не дозволивме да се стопи резултатската предност остварена во првата четвртина и до крајот останавме во позитива, изјави тренерот на Крива Паланка, Мирослав Ивановски.

Оваа е втор дуел во три дена за паланчанки, по одигрувањето на заостанатиот меч од седмото коло, на гости, кај екипата на Про-баскет што го добија со 60:53.

Следното коло тимот на КК Крива Паланка е слободен, по што гостува кај Баскет кам, Македонска Каменица.

Следниот викенд КК Крива Паланка ќе биде домаќин на меѓународниот турнир од Јадранската женска кошаркарска лига за девојки до 17 години, а натпреварите ќе се одиграат во спортската сала „Бранители 2001“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2021 10:07