Селекторот на Естонија, Јука Тоијалa, со комплименти зборуваше за македонската репрезентација по денешниот решавачки меѓусебен дуел во Перм, по кој неговиот тим, и покрај поразот од 86:84, обезбеди пласман на Европското првенство.

-Морам да кажам дека Македонија е одличен тим, кој никогаш не се предава. На претходниот натпревар против Италија беа во негатива 16 поени, но се вратија и победија. И денеска беа во негатива и на крајот во последните секунди стигнаа до победата. Им симнувам капа за тоа, изјави Тоијала на прес конференцијата по мечот.

Финскиот стратег (48) кој пред една година седна на естонската клупа, истакна дека пласманот на Евробаскетот 2022 е голем успех за неговиот млад тим, пред кој, како што оцени, е светла иднина.

-Јас сум навистина многу, многу, многу среќен со моите играчи. Убеден сум дека во следните неколку години дополнително ќе се развиваме како тим и ќе бидеме способни за уште поголеми резултати, отколку само да се квалификуваме, истакна Тоијала.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2021 01:06