Македонскиот кошаркарски репрезентативец Џејкоб Вајли е нов член на шпанскиот прволигаш и учесник во ФИБА Лигата на шампиони, Сарагоса.
– Точно е, го менувам клубот, но не ја менувам земјата. Продолжувам во најсилната лига во Европа. Но како играч на Сарагоса. Со мојата менаџерска агенција одлучивме дека во овој момент тоа е најдобриот потег. Да ја променам играчката средина, потврди Вајли во изјава за официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација.
Трансферот на натурализираниот Американец со македонски пасош од Гран Канарија во Сарагоса доаѓа по неговиот настап со „црвено-жолтите“ на завршниот евроквалификациски турнир во Перм, на кој Вајли имаше одлични настапи со просечни 16. поени, 7.5 скокови и 1.3 асистенции по натпревар.
– Останува жал што не успеавме на тој последен натпревар да победиме со потребната разлика. Но ова беше големо, не… огромно искуство за мене кое досега го немав почувствувано во мојата кариера. Многу ми значат овие четири средби, бидејќи како што сте добро запознати, имав пауза од скоро два месеци. Овие мечеви во Перм беа своевиден ’ресет‘ во оваа сезона која ја продолжувам во Сарагоса. Видов дека следните мечеви со националниот тим се веќе во август. Ќе бидам максимално подготвен за тој нов предизвик, најави Вајли.