Лицата кои оздравеле од ковид-19 во Словенија ќе бидат вакцинирани само со една доза од вакцината, соопшти денеска Владата во Љубљана.

Владиниот координатор за вакцинација Јелко Кацин објасни денеска дека на оние кои оздравеле од ковид-19 тоа „ќе им се смета како прва доза од вакцината”.

Тој истакна дека Словенија овој месец ќе добие 282.819 дози вакцини, најмногу од АстраЗенека – 153.369, со која оваа недела веќе се вакцинираат вработените во училиштата и градинките.

Бидејќи овој персонал е слабо заинтересиран за имунизација, некаде дури и помалку од 50 отсто од вработените, Кацин предупреди дека невакцинираните ќе мораат можеби секој ден да се тестираат.

Во земјата во изминатите 24 часа се потврдени 952 нови случаи на инфекција, а четворица пациенти починале. Бидејќи нема намалување на бројот на заразени, не се очекува олеснување на мерките.

Досега се вакцинирани 150.144 од два милионското население, а 63.908 лица ги примиле двете дози на вакцината, соопшти словенечкото Министерство за здравство.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2021 16:02