Властите во Црна Гора одлучија да заклучат 11 градови и општини каде што ќе биде забрането работење на трговски центри, обложувачници и фитнес центри. Таа мерка ќе важи во следните седум дена.

Построгата мерка се однесува на градовите и општините што имаат 14-дневна инциденца на 100.000 жители поголема од 800, и тоа: Подгорица, Будва, Тиват, Херцег Нови, Улцињ, Цетиње, Никшиќ, Плужине, Бар, Котор и Пљевља.

– Забрането е и движење на жителите надвор од тие општини, освен со претходно дефинирани исклучоци и со потврди, рече Игор Галиќ, директор на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

На прес-конференција, Галиќ додаде дека новите епидемиолошки мерки забрануваат работа на угостителски објекти, освен за гостите во хотелот.

Во тие градови наставата ќе се изведува преку интернет веќе од утре, а градинките од петок веќе нема да работат.

Границите со соседни држави остануваат отворени, а црногорските граѓани и странци со постојан или привремен престој во Црна Гора, како и странци, освен ако не влезат од БиХ, Србија, Косово или Албанија, мора да достават негативен резултат на ПЦР или брз тест за антиген, не постар од 48 часа, или позитивен серолошки тест за антитела, не постар од еден месец.

Полицискиот час во Црна Гора останува во сила, а на конференцијата беше речено дека напуштањето на објект на живеење по 21 часот и неносењето маски посебно ќе се казнува во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2021 23:30