Раководството на МЗТ Скопје Аеродром денес одлучи да ја прекине соработката со тренерот Ѓорѓи Кочов.

– Ѓорѓи Кочов повеќе не е тренер на МЗТ Скопје Аеродром! – стои во известување на МЗТ на својот профил на Фејсбук.

Двете страни се согласија дека се потребни промени во тимот, со цел да биде остварена целта, а тоа е атак на двете домашни пехари, како и борба за највисок пласман во АБА2-лигата. Кочов на клупата на нашиот тим седна во април 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, откако неколку месеци претходно, во декември 2017 година, беше ангажиран како негов помошник. Тој ја освои шампионската титула во 2019 година, а беше морален шампион со МЗТ Скопје Аеродром и во 2020 година, кога беше прекинато првенството. Нашиот клуб е горд што придонесе на македонската кошаркарска мапа да се појави млад и талентиран стручњак, кој во последниот циклус беше и дел од стручниот штаб на репрезентацијата. На Кочов му посакуваме се најдобро во кариерата, со надеж дека некогаш во иднина повторно ќе ни се вкрстат патиштата, се вели во клупското соопштение.

„Штрковите“ под водство на Кочов прикажуваа променливи игри и во регионалната АБА 2 лига, па и претходно се шпекулираше со можна тренерска смена.

Тимот од денеска ќе работи под раководство на досегашниот помошник-тренер, Дарко Радуловиќ, кој ќе ја има улогата на привремен прв тренер се до пронаоѓањето на ново име за оваа функција.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2021 15:14